Зеленски: Путин сака да ја удави Украина во крв, макар таа била на неговите војници

Берлин, 21 септември 2022 (МИА) – Украинскиот претседател Володимир Зеленски не верува дека Москва ќе употреби нуклеарно оружје во војната во Украина.

Зеленски во интервјуто за германскиот телевизиски канал „Билд“ вели дека не верува дека светот ќе го дозволи тоа.

„Не верувам дека тоа оружје ќе се користи. Не верувам дека светот ќе му дозволи да го направи тоа“, рече Зеленски мислејќи на рускиот претседател Владимир Путин и зборувајќи преку преведувач.

„Утре Путин ќе може да каже: Ние сакаме и дел од Полска покрај Украина, во спротивно ќе користиме нуклеарно оружје…“, додава Зеленски најавувајќи дека Украина ќе ја продолжи офанзивата како и оти украинските територии кои сега се окупирани од руските сили ќе бидат ослободени.

Во телевизиско обраќање претходно денеска рускиот претседател Путин најави мобилизација на 300 илјади резервисти во Русија за поддршка на руската кампања во Украина и се закани на Западот со употреба на нуклеарно оружје.

Во врска со делумната мобилизација резервисти во Русија, украинскиот лидер изјави дека Путин сака да ја удави Украина во крв, вклучувајќи ја и крвта на сопствената војска.

Прочитајте и:  Пентагон: Нема знаци на присуство на севернокорејски војници во Украина

„Нему му треба армија од неколку милиони луѓе да дојде кај нас бидејќи гледа дека голем број од оние што доаѓаат овде дезертираат“, вели тој.

Според Зеленски, одлуката на Путин делумно да ги мобилизира резервистите за зајакнување на неговите сили во Украина е знак дека Русија има сопствени проблеми.

Шефот на Украина уште вели дека дека никој не знае кога ќе заврши војната, како и дека разговори со Владимир Путин за ставање крај на војната во Украина може да има само доколку рускиот претседател ги повлече своите сили од украинска територија.

Зеленски во интервјуто уште вели дека Украина не може да влијае на тоа кога ќе заврши владеењето на Путин во Русија, но додаде дека сака да разговара со Москва од позиција на сила.

Пред германските медиуми тој ги повтори повиците Германија да достави оружје и системи за противвоздушна одбрана на Украина. Зеленски посочи дека тие се неопходни за да се спасат животите на луѓето.

- Реклама -