Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека целосна сила и гарантираната безбедност за сите членки на НАТО може да се обезбеди само заедно со Украина во Алијансата.
– Алијансата може да обезбеди целосна сила и гарантирана безбедност за сите свои членки само заедно со Украина, нашата сила, која Украинците ја докажуваат секој ден од почетокот на војната, рече Зеленски на прес-конференција со претседателот на Финска Александар Стуб во Киев.
Според него, приемот на земјата во НАТО е правилен и стратешки мудар избор за целото општество и народот на Финска, пренесува Укринформ.
Зеленски рече дека меѓународните партнери треба да поддржат возвратни напади врз инфраструктурата на територијата на Руската Федерација.
– Некои поставуваат прашања за нападите врз нафтената инфраструктура на територијата на Русија, на привремено окупираните територии каде што има инфраструктурни објекти, на воените аеродроми на Руската Федерација и на освоените украински територии … За на крајот да сфатите како да преживеете во Харков, како луѓето можат да живеат без струја, без вода, треба да дојдете, да видите, па да осудите нешто или не, рече претседателот на Украина.
Тој нагласи дека Русија не разбира ништо освен сила.
– Сите осуди поврзани со нелегалната окупација на нашите територии, нападите врз нашиот енергетски сектор, поткопувањето на нашата инфраструктура, нашите хидроцентрали итн., не доведоа до намалување на нападите на Руската Федерација. Тоа значи дека овие луѓе разбираат само едно – дека по нивните постапки следува силен одговор. Затоа сметам дека, напротив, нашите западни партнери треба да го поддржат украинскиот одговор, рече Зеленски.
Претседателот на Финска, коментирајќи ги нападите на објекти на територијата на Русија, рече дека Руската Федерација го разбира само јазикот на силата, а војната секогаш има колатерална штета.
– Целосно се согласувам дека Русија разбира само сила. Кој и да напаѓа цели внатре во Русија, прашањето е дали за мене е проблем што поради тоа растат цените на нафтата? Мојот одговор е не, нема проблем, затоа што во војна секогаш има колатерална штета, рече Стуб.
Стуб и Зеленски разговараа за зголемување на одбранбеното производство во земјите, како и за пренесување на финското искуство во областа на изградбата на засолништа. Претседателите на Финска и Украина потпишаа билатерален безбедносен договор на 10 години.
Стуб најави дека Финска и го доделува 23-тиот пакет помош на Украина од 188 милиони евра, кој вклучува системи за противвоздушна одбрана и муниција од голем калибар.