Зеленски: Украина нема да се согласи на замрзнат конфликт со Русија

Киев, 4 мај 2022 (МИА) – Украина нема да се согласи на замрзнат конфликт со Руската Федерација, изјави денеска украинскиот претседател Володимир Зеленски во видеообраќање на седницата на Бордот на извршни директори на Волстрит Џурнал.

Тој рече дека Украина не се повлече од процесот во Минск, за разлика од Русија, која го направи тоа откако Владимир Путин најави целосна инвазија.

„Нема да влеземе во замрзнат конфликт. Станав претседател кога постоеја договорите ‘Минск-1’ и ‘Минск-2’. Имаше релевантни документи кои беа прекршени, што значи дека тие документи не биле сериозни. Сепак, имаше договор на хартија. Тоа беше замрзнат конфликт. Јас сум против. Таков документ сигурно нема да имаме“, потенцира Зеленски.

Како што пренесе Укринформ, тој не верува во договори со Руската Федерација сè додека Владимир Путин официјално не ги потврди.

Прочитајте и:  Пентагон: Нема знаци на присуство на севернокорејски војници во Украина

„Нашите групи комуницираат на ниво на преговарачи. Можам искрено да кажам дека не верувам во такви договори“, рече Зеленски и додаде дека додека рускиот претседател не го стави својот потпис или барем не каже нешто официјално, тој не гледа никаква тежина во таквите договори.

Зеленски минатиот месец рече дека конечниот документ за ставање крај на војната што Русија ја започна против Украина може да се состои од два дела – договор за безбедносни гаранции за Украина и посебен билатерален договор меѓу Украина и Руската Федерација.

Последните директни разговори меѓу украинската и руската делегација беа на 29 март во Истанбул.

- Реклама -