Потребни ни се 14 бригади за да бидеме подготвени за руската армија, а досега од пакетите со пратки за оружје не успеавме да опремиме ниту четири, вели украинскиот претседател Володомир Зеленски во интервју за Си-Ен-Ен
Ситуацијата на истокот од Украина е многу тешка оти половина од украинските бригади кои се борат во овој предел од земјата не се доволно опремени, вели украинскиот претседател Володомир Зеленски. Тој во интервју за Си-Ен-Ен вели дека украинската армија трпи големи штети и загуби меѓудругото, поради доцнењето со испораките на оружјето од Западот кое е наменето за опремување на вооружените сили на Украина.
„Потребни ни се 14 бригади за да бидеме подготвени. Досега од овие пакети не опремивме ниту четири“,
вели Зеленски.
Дополнително, според него, токму доцнењето со доставувањето на борбените возила и артилерија е причина зошто голем број на украински војници загинаа во изминатиот период и затоа тој уште еднаш испрати апел до САД и европските земји да ја забрзаат процедурата за испорака.
Украинскиот претседател во текот на месецов треба да оствари средба со претседателот на САД, Џозеф Бајден на кој се очекува да му претстави план за ставање крај на две и пол годишната војна со Русија. Зеленски најави дека главните компоненти на планот се безбедносна и дипломатска поддршка, но и воена и економска помош. Се очекува тој повторно да побара неговата земја да користи американско оружје со долг дострел иако барем засега тоа делува тешко остварливо.
„Единственото нешто од што се плаши рускиот претседател Владимир Путин е реакцијата на неговиот народ ако цената на војната ги натера да страдаат. Направете ја Украина силна и ќе видите дека тој ќе седне и ќе преговара“,
кажа Зеленски.
Инаку, претходно, средбата на американскиот претседател Џозеф Бајден и британскиот премиер Кир Стармер во Вашингтон не донесе новости во однос на барањето на украинскиот претседател Володомир Зеленски за користење на западно оружје – ракети со долг истрел кои Украина би ги користела за напади врз Русија, јави Би-би-си.
Ова значи дека барем засега, САД и Обединетото Кралство нема да ѝ дозволат на Украина да користи ракети од нивно произвдство за напади врз цели и градови во Русија и покрај барањата на Зеленски, кој неколкупати претходно говореше дека тоа е единствениот начин да се стави крај на војната која трае нешто повеќе од две и пол години.