Зеленски: И утрово ја браниме нашата земја сами, додека светските сили гледаат од страна

Новинари од терен во Украина утрово, околу 7:30 часот по локално време, информираа дека во Киев се огласиле сирените за воздушен напад, а властите повикале граѓаните да се упатат во најблиското засолниште, 3 часа откако силни експлозии одекнаа на небото над градот, објави „Гардијан“.

Сирените утрово се огласиле и во градот Лавов, западна Украина.

Во видео обраќањето на украинскиот претседател Володимир Зеленски утрово, тој ги потврди наводите за руски проектили кон Киев. Како што рече тој, воздушните напади почнале во 4:00 часот по локално време. Притоа додаде дека руските трупи, од страна на украинските сили, биле спречени да напредуваат во повеќето правци.

Според Зеленски, руските напади биле упатени и кон воени и кон цивилни цели.

Во обраќањето, на украински и на руски јазик, Зеленски повторно ја повика Русија да прекине со огнот.

Прочитајте и:  Русија предупредува на „катастрофални последици“ по одлуката на Бајден да дозволи напади со ракети длабоко на руска територија

„Русија ќе мора да зборува со нас, порано или подоцна, за тоа како да се стави крај на непријателството и да запре оваа инвазија. Колку поскоро почне разговорот, толку помали ќе бидат загубите на Русија“, рече украинскиот претседател.

Зеленски повторно го критикуваше Западот дека не прави доволно да ѝ помогне на Украина.

„Утрово ја браниме нашата држава сами. Како и вчера, најголемите сили во светот гледаат од далечина“, порача тој, потенцирајќи дека воведените санкции не ја предомислуваат Русија.

„Дали вчерашните санкции ја убедија Русија? Слушаме на нашето небо и гледаме на нашата земја дека тоа не беше доволно“, рече украинскиот претседател.

„Додека нападите престанат, ние ќе ја браниме нашата земја сѐ до тој момент“, додаде тој.

- Реклама -