Земјата имала две месечини

месечиниСпоред една нова студија мала втора месечина некогаш орбитирала околу Земјата пред катастрофален судир со другата, титански судир кој би можел да објасни зошто двете страни на Месечината се толку различни една од друга.

Втората месечина во земјината орбита би имала дијаметар од околу 1200 километри и би можела да биде оформена од истиот судир помеѓу Земјата и тело со големина на Марс кој според научниците го создал нашиот природен сателит. Гравитационата борба помеѓу Земјата и Месечината ја намалило брзината со која истата орбитира, па сега ние секогаш ја гледаме истата страна. Далечната страна на Месечината останала мистерија со векови се до 1959 година, кога советската сонда Луна 3 првпат ја фотографирала нејзината површина.
месечиниДалечната страна на Месечината е многу поразлична од поблиската страна. На пример, опширни рамнини од вулкански карпи наречени “maria” (мориња на латински) покриваат голем дел од поблиската хемисфера, но само неколку вакви „мориња“ се среќаваат на далечната страна. Дополнително, површината на блиската страна е во најголем дел ниска и рамна, далечната страна во поголем дел е висока и има планински релјеф, површината на месечината е во просек 1,9 километри повисока на далечната страна.

Сега компјутерски симулации посочуваат кон втора месечина која во основа се залепила за поголемиот придружник, што ја објаснува разликата помеѓу блиската и далечната страна. Нивните пресметки предложуваат дека втората месечина би била формирана во истиот период како и сегашниот сателит. Научниците теоризираат дека Месечината настана од големата количина на карпи кои биле исфрлени кога Земјата била погодена од вселенско тело со големина приближна на Марс во раната историја на сончевиот систем. Дел од тие карпи би можеле да формираат втор помал сателит, кој би имал само 4 проценти од масата на големиот и би имал дијаметар од околу 1200 километри или една третина од дијаметарот на сегашниот сателит.

За да замислите каде би можела да биде втората месечина, замислете ги Земјата и Месечината како две темиња на триаголник со еднакви страни. Третото теме на ваковиот триаголник се вика тројанска точка, или Лагранжова точка, именувана по математичарот кој ја открил. Во оваа точка, гравитационата привлечност на Земјата и Месечината се балансирани, што значи дека тело кое се наоѓа во таа точка може да остане релативно стабилно. Земјата и Месечината имаат две тројански точки, една која се движи пред Месечината, позната како L-4 и една која ја следи месечината, L-5.

Прочитајте и:  Curiosity испрати неверојатна панорама од Марс

Истражувачите пресметале дека втората месечина би можела да остане во тројанска точка десетици милиони години. Но, по некое време орбитата на таа месечина би била дестабилизирана поради проширувањето на орбитата на Месечината. Судирот кој би настанал во оваа ситуација би бил релативно бавен, со брзина помеѓу 7200 и 10.800 километри на час, со што материјата на втората месечина, наместо да формира кратер, би се распространила по Месечината како дебел слој на цврста кора дебела десетици километри.

„Сосема е возможно тројанска месечина да била формирана во големиот судир, и нејзината дестабилизација по 10 милиони до 100 милиони години да остави отпечаток врз Месечината“ рекол Ерик Асфауг, еден од авторите на студијата и планетарен научник од Универзитетот од Клаифорнија во Санта Круз. Остатоците од оваа тројанска месечина би се претвориле во пејсажот видлив на далечната страна на Месечината. Истовремено судирот би го притиснал подземниот океан од магма кон поблиската страна, што објаснува зошто фосфор, калиум, ураниум и ториум се концентрирани на нејзината површина.

Има неколку предложени објаснувања за планинскиот релјеф на далечната страна, како она дека гравитационите сили се виновникот предложено од Францис Нимо од Универзитетот од Калифорнија во Санта Круз и неговите колеги. Нимо вели дека засега нема доволно податоци за да се утврди кој предлог нуди подобро објаснување за месечевиот контраст. Нимо вели: „Со дополнителни податоци од вселенски летала и, се надевам, примероци од месечевата површина, ќе стане јасно која од овие две хипотези е поточна.“ [Earth had two moons that crashed to form one, study suggests]

- Реклама -