Си висевме на emsc.eu и си следевме тековни земјотреси, и налетавме на ова: Земјотрес на француско-германска граница, на длабочина од -1 километар (веднаш над овој со црвеното во Македонија).
Прво помисливме дека е грешка и ни падна смешно, бидејќи си го замисливме земјотресот на висина од 1 километар во воздухот. Тоа би било интересно, нели? Ама после претпоставивме дека има реална причина (а да не е грешка) што е означен со -1 км длабочина. И има.
Како може земјотрес да има негативна длабочина?
Нормално, земјотрес не може да се случи на -1 км. длабочина (ниту пак на 0 км), бидејќи тоа ќе значи дека е над површината на земјата. За да се случи земјотрес, мора да дојде до лизгање и триење на две плочи од земјината кора (ги викаме тектонски, нели), кои се длабоко под тоа што ние го сметаме за реална површина, т.е. тло.
Па зошто тогаш има земјотреси регистрирани како да се случиле на -1, или 0 километри длабочина?
За почеток, длабочината на која настануваат земјотресите е параметарот кој е најтешко да се утврди со голема прецизност. Бидејќи повеќето земјотреси се длабоко во кората, грешката од +/- 1 или 2 километри е сосема нерелевантна, неважна. Со други зборови, ако длабочината на земјотресот е нешто како 13 километри, грешката од 1 или 2 километри е сосема занемарлива.
Проблемот (во мерењето) настанува кога земјотресот е релативно плиток. Кога предизвикуваме земјотреси при копање/минирање на каменоломи, на пример, секогаш се бележат со длабочина од 0 км., бидејќи не се знае на која точно длабочина се случил, но знаеме дека е многу плитко, т.е. блиску до површината.
Но понекогаш, кога сеизмичката мрежа е густа и епицентарот е во близина на сеизмичка мерна станица, длабочината можеме да ја одредиме доста прецизно. Токму во таквите случаи, кога земјотресот е многу плиток, можеме да измериме и -1 километар (т.е. негативна) длабочина. Но, зошто?
Затоа што длабочината на земјотресите се калкулира врз основа не на реалната површина на земјата (која може да варира), туку на нешто што се нарекува геоид.
Геоид е замислената линија што ја отсликува планетата како неправилна „топка“, т.е. деформиран камен, наместо како совршена елипса или сфера. Тој се смета за основната форма на Земјата.
Ако Земјата беше перфектна топка, калкулацијата на длабочината и дистанцата ќе беше лесна, бидејќи ги знаеме формулите и равенките за таквите калкулации кај геометриска топка. Но Земјата повеќе наликува на елипсоид (како топка на која седите); а дури и во таков случај калкулациите би биле полесни, бидејќи иако формулите не се едноставни како кај топка, сепак ни се познати и се изводливи.
Сепак, планетата не е ни топка, ни елипсоид. Има океани, планини, долини и други релјефни карактеристики што ги нема кај елипсоид. Токму затоа постои геоидот, кој претставува замислено морско рамниште со брановита површина, кое ја обвиткува планетата; не само врз океанските области, туку се протега и преку копното. Па така, земајќи го геоидот како референца, земјотрес може да се случи и на негативна длабочина, т.е. на висина од 1 или 2 километра над замислената линија.
Геоидот кој човештвото моментално го користи како референца, патем, е наречен WGS84.