Жените за утеха: Најдена првата снимка од секс-робинките на јапонските војници во ВСВ

По инвазијата на Кина и Југоисточна Азија во почетокот на 30-тите години на XX век, јапонската армија почна да создава „станици за утеха“ во воените бази на фронтот. Овие „станици“ беа опишувани како мали бордели, ама всушност беа нешто многу поразлично. Се работи за логори во кои јапонските војници трупаа заробени жени и девојки од окупираните земји, за да им бидат секс робинки. Во демек „борделите“ ги силувале и по 60-70 војници дневно (до 40 во „обичен ден“). Многу од овие девојки биле всушност деца на возраст од 14-18 години. При нивното заробување често се убивани нивните семејства. Многу од нив биле од Јужна Кореја.

Сега, конечно, е пронајдена првата видео снимка од „жените за утеха“. Снимката е од 1944 година и покажува седум босоноги жени поредени пред куќа од цигли – за која се претпоставува дека била „бордел“ направен од јапонските војници во окупирана Кина. Една од нив, во парталава облека, разговара со кинески воен чиновник, а останатите нервозно гледаат во земјата. Една од нив се држи за стомакот, веројатно е трудна.

Досега единствените докази за корејското сексуално ропство беа фотографиите и приказните на преживеаните. За постоењето на видео-снимка почна да се зборува пред две години, кога и почна потрагата за истата. Очигледно, беа потребни две години да биде најдена.

Видеото инаку е снимено во кинеската покраина Songshan, откако Американците и Кинезите го ослободуваат регионот од јапонската окупација. Тимот експерти од Универзитетот во Сеул кој ја анализираше снимката, успеа да ја одреди и точната локација каде што е направена, а идентификувани се и жените на снимката, по нивните лица, па дури и по облеката.

Темата со сексуалните робинки веќе долги години е спорна во односите на Јапонија и Јужна Кореја. Ова несомнено ќе биде уште еден доказ кој Јужна Кореја ќе го користи за да го докаже постоењето на „жените за утеха“, макар што во 2015-та година двете земји склучија договор според кој Јапонија ги признава овие злочини. Не само тоа, туку и ѝ се извини на Кореја, и им исплати 8.3 милиони долари отштета на преживеаните жртви.

Прочитајте и:  Концерт во чест на 30 годишното пријателство меѓу Македонија и Јапонија

За „Жените за утеха“

Изразот доаѓа од јапонскиот еуфемизам „jugun ianfu“, а така биле нарекувани сите жени, од различни етнички и општествени средини, кои им биле сексуални робинки на јапонските војници во Втората светска војна.

Таквите воени бордели постоеле на целата територија која била окупирана од Јапонија – и низ Азија, и во Пацификот. Освен што морале секојдневно сексуално да опслужуваат по 50-тина војници, жените биле користени и за работа. 80% од нив биле од Кореја, а меѓу останатите имало и од Јапонија, Бурма, Индонезија, Филипини и Тајван.

Од една страна, јапонските власти верувале дека организирањето на вакви бордели го подобрува моралот на војниците. Но од друга, сметале дека ова е подобрата алтернатива споредено со масовните силувања на окупираните територии, особено по масакрите во Нанџинг во 1937 година.

Освен тоа, на овој начин се спречувало и ширењето на полови болести, бидејќи наводно жените во борделите биле подложени на редовна хигиенска контрола. Некои сведоштва велат поинаку, додуша. На пример, една од преживеаните жени раскажа дека поради честите силувања, една од девојките во нејзиниот „бордел“ добила венерична болест. За кратко време биле заразени 50-тина војници. Згора на тоа, таа „хигиенска контрола“ подразбирала и чести инекции против сифилис. Како резултат, многу од тие жени ја изгубиле способноста да имаат деца.

Колку и да бараме „светли точки“ во ситуацијата, нема да најдеме. По војната многу од овие жени се убиени, а нивната судбина е откриена дури во 1991 година. Јапонија го призна постоењето на секс-затворите дури во 1993 година.

- Реклама -