Жестока реакција на Израел до Јужна Африка: Тие се продолжена рака на Хамас

Израелското Министерство за надворешни работи денеска соопшти дека Јужна Африка е „правно продолжена рака на Хамас“.

Тоа следеше како реакција откако земјата го претстави својот случај пред Меѓународниот суд на правдата во врска со тужбата против Израел за наводен геноцид во Појасот Газа.

„Јужна Африка, која функционира како правно продолжена рака на терористичката организација Хамас, во целост ја искриви реалноста во Газа и го игнорираше фактот дека терористите на Хамас се инфилтрираа во Израел, каде што убиваа, егзекутираа, масакрираа, силуваа и киднапираа израелски граѓани, само затоа што биле Израелци, во обид да извршат геноцид“, напиша портпаролот на израелското министерство, Лиор Хајат на социјалната мрежа „Икс“.

Тој додаде дека Јужна Африка „настојува да му дозволи на Хамас да се врати во Израел и да ги изврши воените злосторства, злосторствата против човештвото и сексуалните злосторства кои повеќе пати ги правеа на 7 октомври“.

„Претставниците на Хамас во судот, јужноафриканските адвокати, исто така го игнорираат фактот дека Хамас го користи цивилното население во Газа како жив штит и оперира од болници, училишта, засолништа на Обединетите нации, џамии и цркви со намера да ги загрози животите на жителите на Појасот Газа“, рече Хајат.

Прочитајте и:  Хезболах: Остануваме активни во Либан за да им помогнеме на граѓаните

Јужна Африка денеска на отворањето на сослушувањето пред Меѓународниот суд на правдата (МСП) во Хаг, во врска со тврдењето на земјата против Израел за наводен геноцид во Појасот Газа, соопшти дека Израел го подложува палестинскиот народ на апартхејд и геноцид. Јужна Африка тврди дека Израел го прекршил членот 2 од Конвенцијата за геноцид на Обединетите нации од 1948 година со тоа што извршил дела кои потпаѓаат под дефиницијата за геноцид.

Акциите на Израел покажуваат шема на систематско однесување од кое може да се заклучи дека се работи за геноцид, рече адвокатот на Високиот суд на Јужна Африка, Адила Хасим и побара итно прекинување на воената кампања на Израел во Појасот Газа. Израел утре ќе го изнесе својот одговор пред судот.

МИА

- Реклама -