Следниве симболи ги користиме секојдневно и на светско ниво, но за нивното значење и потекло не знаеме многу. А во суштина е многу просто.
СРЦЕ
Популарното верување е дека љубовта „живее“ во срцето, но од друга страна, вистинската форма на човечкото срце нема многу заедничко со симболот за љубов. Има неколку теории од каде потекнува симболот:
1. Кога лебедите се спаруваат и се приближуваат еден кон друг среде езерото, нивните форми (главата и вратот) се спојуваат во форма слична на симболот срце. Во многу светски култури, овие птици претставуваат љубов, верност и посветеност, а тоа е така заради фактот што лебедите, ако се спарат, остануваат заедно до крајот на животот.
2. Друга теорија е дека симболот срце во основа ја претставува женската форма. Овие теоретичари тврдат дека симболот ја претставува формата на женскиот пелвис. Старите Грци биле познати по тоа што придодавале специјално значење на овој дел од женската анатомија, па дури и конструирале еден многу специјален храм за божицата Афродита. Специјален затоа што бил единствениот во светот во кој се славеле задници.
3. Друга теорија вели дека симболот претставува форма на лист од бршлен. На нивните вази, Старите Грци обично вклучувале листови од бршлен во цртежите кои го портретирале Дионис – богот на виното и заштитник на страста.
BLUETOOTH
Во 10-тиот век пред нашата ера, со Данска владеел кралот Харалд Блатанд (Harald Blåtand) – историска личност позната по тоа што ги обединил данските племиња во едно кралство. Харалд често го викале (кога би го викале на англиски) Bluetooth (син заб), зашто многу сакал боровинки (blueberries) и постојано барем еден заб во устата му бил перманентно обоен од плодовите.
Bluetooth технологијата пак, е дизајнирана за да „обедини“ т.е. спои повеќе направи во една мрежа. Симболот за оваа технологија е комбинација од две скандинавски руни (букви): Hagall – кој е аналоген на латинското H, и Bjarkan – аналог на латинското B. Овие две руни се всушност иницијалите на Харалд Блатанд.
Патем, првата генерација на Bluetooth направи беше обоена сино, и да, беше во форма на заб.
POWER ON
Еден од најприсутните симболи. Го има на речиси секоја направа, а малкумина размислиле што всушност претставува.
Порано, во 1940-тите, инженерите користеа бинарен систем со кој реферираа на одредени прекинувачи, па 1 значеше вклучено, а 0 – исклучено. Ако подобро погледнете, знакот е всушност комбинација од единица и нула.
ЗНАКОТ PEACE (МИР)
Peace, познат и како знак за пацифизам, е измислен во 1958 година за време на протестите против употребата на нуклеарни оружја. Симболот е комбинација од семафорските сигнали (сигнали со раце за визуелна комуникација на далечина) за буквите „ N“ и „D“, кои се всушност кратенка за „Nuclear Disarmament“ (нуклеарно разоружување).
Во семафорската азбука, буквата „N“ се формира држејќи две знамиња во форма на превртено „V“, a буквата „D“ се формира со држење на едно знаме кон горе, а другото кон доле. Со комбинација од двете форми, се добива знакот Peace.