Зоки Кичеец и пензионерката со идеја од 720.000 евра утрово на распит во Обвинителството за случајот „Рекет“

Во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција утрово за случајот „Рекет“ на распит биле повикани второосомничениот Зоран Милески – Кичеец и пензионерката Лилјана Тодоровска од Скопје, на чија сметка легнаа 720.000 евра од сопственикот на ГП „Пелистер“ – битолскиот бизнисмен Силјан Мицевски, објави „А1он“.

Кичеец беше приведен истиот ден кога и Бојан Јовановски – Боки 13 при обид да ја напушти државата, а се појавува и на видео снимките на „Ла Верита“, кога заедно со првоосомничениот и со торбата со евра во кеш го напуштаат домот на рекетираниот бизнисмен Орце Камчев. И нему, како и на Боки 13, неодамна му беше продолжен притворот за уште 30 дена.

Скопјанката Лилјана Тодоровска е една од четирите имиња потпишани на договорот меѓу „Меѓународниот сојуз“ Скопје и ГП „Пелистер“ на Силјан Мицевски, а парите ги добила на сопствената сметка во име на исплата за идеја за проект за социјални станови. Откако сторијата ја објави „Телма“, пензионерката тврдеше дека при подигнувањето на парите во банката ја придружувале и претставници на „Меѓународен сојуз“, кои веднаш ѝ ја одземале торбата со парите. Подоцна за „Телма“ изјави и дека ќе поднесе кривична пријава за, како што вели, кражбата.

 

- Реклама -