Зошто американските претседатели чекаат два месеца пред да стапат на функција

До 20-ти јануари, Доналд Трамп не можеше официјално да биде наречен „претседател“, иако од моментот кога беше избран поминаа повеќе од два месеца. Па, ако изборите кои го прогласија за 45-тиот претседател на САД се одржаа во ноември, зошто толку долго време мора да помине до инаугуралната церемонија?

10 седмици може да се чини како долг период, но во минатото американските претседатели чекаа уште подолго за да ја преземат функцијата.

Оваа инаугурација, вкупно 58-ма по ред, ќе биде само 21-та што се одржала во јануари. Претходно, пред да постои 20-тиот Амандман во американскиот Устав (изгласан во 1933 година), новите американски претседатели почнуваа со работа на 4 март. Постоеја исклучоци – на пример кога заменик претседателот дава заклетва по смрт на актуелниот претседател.

Континенталниот Конгрес (највисокото управно тело на земјата пред првите избори во САД) првично ја прогласил првата среда во март да биде денот на инаугурацијата на првиот американски претседател – ова било во 1789 година, а таа година првата среда паѓала на 4 март.

„Порано, во раните денови на САД, беше потребно долго време да се патува, особено од Западниот Брег до Вашингтон D.C.“, вели Џим Бендат – автор на „Democracy’s Big Day: The Inauguration of Our President, 1789-2013“, нагласувајќи го времето кое им било потребно и на членовите на Конгресот и на претседателските транзициски тимови за да се преселат во главниот град. „Па им требаше подолг временски период помеѓу изборите и заклетвата на претседателот, за да се средат сите потребни работи“.

А всушност, таа прва инаугурација во 1789 година, не се случила на 4-ти март, туку дури на 30-ти април. Бендат вели дека Конгресот не можел да собере доволно од своите членови за да присуствуваат на инаугуралната церемонија на Џорџ Вашингтон, па затоа била поместена за крајот на април.

Прочитајте и:  Захарова: Новата американска база во Полска одамна е на листата на приоритетни цели за уништување

А кога конечно се случила, Конгресот одлучил 4 март да биде датумот за сите идни церемонии. Но овој датум не се должел само на времето потребно за транзиција меѓу претседателствата. Во истражувањето за потребите на својата книга, Бендат доаѓа до сознание дека 4 март бил избран и зашто според календарските пресметки на Конгресот, најмали биле шансите овој датум да се погоди на ден недела. Најголем дел од религиозните политичари избегнувале да вршат официјални работи во недела, освен кога условите налагале. Денес, ако датумот на инаугурација се погоди во недела, во недела се дава приватна заклетва, а јавната церемонија се поместува за понеделник – како што беше случај пред 4 години, со втората инаугурација на Барак Обама.

Во 20-ти век, напредокот на технологијата и транспортот значеше дека луѓето можат побрзо да патуваат низ земјата (САД), и немаше причина за таканаречениот „lame-duck“ период на чекање помеѓу финалниот избор на новиот претседател и денот на инаугурацијата. Паралелно, со тоа што САД минуваа низ многу национални турбуленции, се покажа дека ваквиот период на чекање е предолг. Особено предолг беше во периодот на екот на Големата Депресија, во 1932 година, кога тогашниот Херберт Хувер и новоизбраниот Френклин Рузвелт одвај и да комуницираа, со тоа оставајќи ја земјата во состојба на парализа и неможност за преземање на мерки за да се ублажи економската состојба. Токму заради овој пример, американскиот Конгрес го предложи 20-тиот Амандман.

„Имаше дебата околу новиот датум (на инаугурација)“, вели Бендат, „бидејќи беше решено прилично едногласно дека четири месеци се предолг период на чекање. Сенатот сакаше да го смени на 15-ти јануари, а House of Representatives сакаше тоа да биде на 24-ти јануари. 20-ти јануари беше избран како компромис“.

 

- Реклама -