Зошто балканските богаташи не се филантропи

Неодамна професорот Тибор Варади, со потекло од Србија, но кој студирал на Харвард и живее и работи во странство, донираше лични 100.000 долари во програма за поддршка на исклучителните студенти (за мастер и докторски студии) во родната Србија. Гестот воодушеви многумина и беше карактеризиран како одличен пример за тоа дека интелектуалците имаат големо разбирање кога е во прашање развојот на едно општество. Но, од друга страна, чинот ги потсети Србите, па и сите нас од овие простори, на нешто што постојано го немаме – филантропија.

Српските интелектуалци се сложуваат дека ова е многу редок пример, а дека кога овдешните богаташи и тајкуни покажуваат некаков вид на филантропија, тоа главно се однесува на компаниски (а не лични) пари и е во насока на ослободување од даноци.

Илегалните богаташи немаат свест за заеднички приоритети

Социологот Чедомир Чупиќ смета дека овдешните луѓе кои заработиле големо богатство, практично и „не се свесни како го заработиле“. Истакнува дека до парите стигнуваат на многу начини, често нелегални, па оттаму и не може да се очекува да имаат, ниту да создадат приоритети кои би се однесувале на развојот на целото општество. Чупиќ нагласува дека вложувањето во луѓето, особено во образованието, е денес најисплатлива инвестиција, и дека е особено важно кај малите народи, бидејќи се работи за опстанок.

„Тие (богаташите) за тоа не се ни свесни. Тие, пред сé, се бават со логика – како да го зголемат своето богатство уште повеќе, а што помалку да изгубат“, вели социологот, нагласувајќи дека токму ваквиот начин на размислување е заслужен што речиси секоја пројава на „филантропија“ е во насока на ослободување од данок. „Тоа го прават затоа што законот го овозможува, а не затоа што по својата природа се филантропи“.

Сепак, првенствено, филантроп не може да биде човек кој своето богатство го стекнал на сомнителен начин, истакнува Чупиќ, наведувајќи го Бил Гејтс („кој огромен дел од своето богатство вложува во филантропски цели“) како контра-пример. „Гејтс не размислува само како Американец, туку како човек на планетата, што го прави човек свесен за својата мисија, човек со конкретен однос кон животот – човек што сака на најдобар начин да го поддржува и одржува“.

Прочитајте и:  Обвинителството во Нови Сад: Сослушани вкупно 48 лица, денеска упте петмимна

Примерот на професорот Тибер Варади, пак, е одличен пример за тоа дека интелектуалците имаат големо разбирање кога е во прашање развојот на општеството.

„Значи, тој, своите лични пари кои ги заработил во светот, а не во татковината, ги донесе овде, и размислува за иднината на граѓаните на Србија, посебно за оние кои се подготвуваат за научна, елитна работа. Токму преку тоа вложување, тој создава и овозможува еден подобар утрешен раст на ова општество и неговите најдобри поединци“, вели Чупиќ.

Филантропијата како слабост

Професорката по културологија – Јелена Ѓорѓевиќ, на примерот на професорот Варади гледа и како на бунт кон целокупните случувања. „Тоа е начин да се покаже дека сепак е можно да се поттикнат добрите, паметните и најдобрите да работат и продолжат да живеат во оваа земја“ (алудира на Србија, се разбира).

Филантропијата кај овдешните т.н. богаташи не е развиена, се согласува професорката, бидејќи „секој од нив стигнува до богатство преку криминал или политички врски“. Денешниот свет претставува главно бескрупулозна борба исклучиво за себе и својата позиција, што доведе до целосен пад на моралот, емпатијата и солидарноста, смета таа.

Притоа, нагласува, кон секој облик на солидарност се гледа со критички очи – како на форма што е наследена од суровото социјалистичко минато. „Тоа, се разбира, прави луѓето просто да немаат идеја околу тоа што значи да се помага на другите“.

Главниот проблем, вели Ѓорѓевиќ, е што недостатокот на филантропија прави мнозинството од обични граѓани да ја сфаќа филантропијата како хуманитарна помош за сиромашните. „Тоа банално, простачко прифаќање на неолибералната логика која пристигнува од големите центри на моќ, сфатено на српски начин, подразбира дека животот е една сурова борба, во која секој се бори сам за себе, и во која, следствено, филантропијата нема никаква улога“.

„Згора на тоа, секоја филантропска идеја, или правење добро на другиот, е нешто што денес е презирано и на што се гледа како на гест на слабост, а не гест на човечка големина“, додава Ѓорѓевиќ.

Професорката е скептична дека нашиве простори ќе добијат свои филантропи меѓу богатите во скора иднина. „Можеби после едно пет генерации, кои евентуално би изградиле морален лик“, заклучува.

- Реклама -