Научно-фантастичниот филм „Осмиот патник: Ромул“ или во оригинал „Alien: Romulus“ веќе неколку недели жнее успеси на киноблагајните низ светот, во САД надминувајќи го летниот хит „Дедпул и Вулверин“, а добро му оди и во Велика Британија, Ирска, како и во Кина. Дистрибуцијата во нашиот регион на социјалните мрежи ја заживеа старата дебата за соодветноста на регионалниот превод на името на франшизата.
За многумина преводот „Осмиот патник“ наместо „Вонземјанин“ или „Туѓинец“ е врв на преведувачката креативност, додека други го преферираат или англискиот збор „Елиен“ или пак неговиот локален превод. Оваа дебата трае со години и за неа на времето информираше и Глобал војсис.
Имено, кога во 1979 година првиот филм од серијата бил увезен во Југославија, името не било преведено буквално како „Вонземјанинот“ туку преносно. „Осмиот патник“ се однесува на дел од приказната која се одвива во вселенскиот брод во кој има седум земјани на кои, на нивна несреќа, им се приклучува и слеп патник или натрапник – вонземско чудовиште кое се обидува да ги уништи.
Освен во тогашна Југославија, овој превод и за првиот филм бил употребен уште во неколку европски земји, како Полска и Унгарија. Така, на македонски беше преведен како „Осмиот патник“, на словенечки како „Осми потник“, а на српски и хрватски и босански филмот е преведуван како „Осми путник“. Во Полска бил комбиниран со името на вселенскиот брод, па гласел „Вонземјанин – осмиот патник на Ностромо“ (Obcy – ósmy pasażer Nostromo), додека унгарското име содржело и своевиден спојлер „Осмиот патник: смртта“ (A nyolcadik utas: a Halál).
Успехот на првиот филм, кој има добиено Оскар за специјални ефекти благодарение на швајцарскиот уметник Х.Р. Гигер, го прослави Ридли Скот како еден од најзначајните режисери и продуценти на научно-фантастичниот жанр, познат и по други класични дела како „Истребувач“ (Blade Runner) од 1982 г.
По уште поголемиот успех на продолжението на „Осмиот патник“ (Aliens) од 1986 година, режирано од денес легендарниот Џејмс Камерон, а кај нас преведено просто како „Осмиот патник 2“, серијата доби низа продолженија и испреплетувања со други франшизи, како „Предатор“. На сличен начин беа преведувани и филмовите од подсеријата „Ковенант“.
Барем во делови на бивша Југославија, терминот „Осмиот патник“ стана дел од популарната култура и синоним за нешто опасно. Во тој контекст го презема и една од најголемите југословенски и хрватски хеви метал групи „Осми путник“. Групата беше основана во Сплит 1985 година од Златан Штипшиќ, кој подоцна направи соло кариера со сосем друг вид песни како Џибони.
Четири децении подоцна, деветтиот филм од серијата „Осмиот патник“, „Ромул“ доби многу поволни оценки и на критиката и на публиката, со тековни резултати од 80% и 86% на „Ротен Томатос“.
Покрај сценариото кое ги следи сите канони на серијалот и има низа ненападни референци на претходните делови, за тоа е заслужна и младата актерска екипа предводена од уругвајскиот режисер Феде Алварез. Меѓу глумците се истакнуваат Американката Кеили Спеини, која нашата публика ја има видено во серијата „Мер од Истаун“ на ХБО, како и Британците Арчи Рено, познат од „Сенка и коска“ (Shadow and Bone) на Нетфликс и Дејвид Јонсон.
Арно ама, преглед на тоа како филмот е дистрибуиран во регионот покажува дека во дел од поширокиот регион е прекината традицијата да се користи креативниот и контроверзен превод „Осмиот патник“.
Така, локални верзии на „Осмиот патник“ се присутни во Словенија, Србија, Црна Гора и Северна Македонија, додека буквален превод или само пренесување на оригиналниот наслов е присутно во Хрватска, Босна и Херцеговина, Унгарија и Полска. При тоа, во Северна Македонија и Албанија се дистрибуира со постер на англиски, со македонски превод на веб-сајтовите на кината.
извор: Мета.мк