Зошто најголем дел од фосилите од мамути се машки?

Кај многу животински видови, мажјаците имаат нешто поголема тенденција да прават глупи нешта и како резултат на тоа да умрат на смешни начини. Изгледа дека тоа било случај и кај мамутите.

Додека анализирала податоци за генетиката на мамутите за сосема друг проект, Патрициа Печнерова – од универзитетот во Стокхолм и Шведскиот природонаучен музеј, налетала на сосема случајно а интересно откритие – најголемиот дел од најдените фосили се на машки мамути.

Од 98-те анализирани примероци на влакнести мамути (Mammuthus primigenius), најдени во северните делови на Сибир во период од четири декади, 66 биле од машки мамути, а само 29 женки (кај останатите 3 веројатно полот не можел да биде утврден). „Бевме многу изненадени, бидејќи немаше причина да очекуваме било каква разлика во однос на застапеноста на половите меѓу фосилите“, вели Печнерова.

Сепак, научниците ја открија мистеријата. Имено, како и денешните диви слонови, младите мажјаци меѓу мамутите од леденото доба веројатно повеќе лутале сами, и поради тоа влетувале во ризични ситуации, при што паѓале или биле однесени од реки, пропаѓале низ мразот, или завршувале во јами.

Женките, од друга страна, патувале во групи предводени од најстарата „мајка“, која обично најдобро го познавала теренот и го водела стадото надвор од опасност.

„Без бенефитите на животот во стадо водено од искусна женка, машките мамути биле изложени на поголем ризик од умирање во природни стапици“, вели Лов Дален – коавтор на студијата.

Мамутите исчезнале пред 4.000 години, делумно благодарение на климатското загревање, а делумно на тоа дека и луѓето сé повеќе ги ловеле.

- Реклама -