Зошто нема многу знамиња со виолетова боја?

Некои дизајни ќе ги најдете на многу знамиња – змејови, сабја, двоглав орел… Други дизајни нема да ги најдете на речиси ниту едно знаме – на пример, сé што вклучува виолетова боја. И не дека бојата не била модерна и не ја сакале, туку не било практично.

Во видеото во продолжение, едукативниот канал After Skool ја објаснува историјата на виолетовата боја. Првите виолетови бои речиси целосно биле произведувани од еден посебен вид морски полжави кои живееле во мал дел од Медитеранот. Потребни биле околу 10.000 вакви полжави за да се произведе само еден грам виолетова боја. Како резултат, до пред 19-от век, бојата чинела повеќе од злато со истата тежина.

Да, виолетови платна и облека постоела и претходно, но затоа биле носени главно од исклучително богатите слоеви и членовите на кралските семејства. Иако во тоа време би било опасно фраерски и престижно да имаш виолетово знаме, ич не би било фраерски да имаш само едно виолетово знаме. А цела земја да има виолетови знамиња, очигледно, воопшто не било практично, и пред сé, исплатливо.

Сепак, во 1856-тата, статусот на виолетовата боја се смени засекогаш. Британскиот студент Вилијам Хенри Перкин откри начин на синтетичко производство на бојата. Со тоа виолетовата стана многу подостапна во следните години, што се гледа и од знамињата – сите што имаат виолетова се дизајнирани по 1900 година.

- Реклама -