Зошто САД ја фрлија „Мајката на сите бомби“ за прв пат по 16 години

Во раната 1991 година, мала група на американски оперативци од специјалните единици била стационирана на граничното тромеѓе на Кувајт, Ирак и Саудиска Арабија, кога примила чудно предупредување од командантите: Авијацијата ќе фрли бомба во близина што може да изгледа како нуклеарно оружје, ама не е. Чудна била таа потреба на авијацијата да даде вакво појаснување, особено што B-52 бомбардерите го „млателе“ регионот со недели и недели, а војниците „беа прилично навикнати на големи експлозии“, како што раскажува тимскиот наредник Мајкл Адамс. Од тие причини, тимот прилично го изигнорирал предупредувањето. И тогаш паднал „Daisy Cutter“-от – бомба што тој прекар го има добиено од времето на војната во Виетнам, поради својата способност да срамни со земја голема површина шума.

„Бев оддалечен околу една милја кога експлодираше“, вели Адамс. „Иако B-52 константно ја тресеа земјата, тоа ебено нешто беше апсолутно запрепастувачко. Ја растресе земјата, иако јас би преферирал поинаков опис“ (веројатно некој помрсен).

Американската авијација всушност фрли BLU-82 – термобарично оружје тешко околу 6.8 тона, кое во Виетнам се користеше за расчистување на мински полиња и терен за слетувачки зони за хеликоптери. Подоцна американската војска ja користеше неговата уништувачка моќ како психолошко оружје против ирачката армија во првата Заливска војна, а сега и против милитантите во Авганистан.

На 13-ти април годинава, американската армија фрли наследник на daisy cutter-от: 10-и-кусур-тонска GBU-43/B Massive Ordnance Air Blast бомба, која ја употреби врз мрежа од пештери и тунели во областа Нангахар во Авганистан, контролирани од ИСИС, и полна со импровизирани експлозивни направи.

Скратено, бомбата е наречена MOAB – кратенка која и те како е погодна за прекарот на бомбата „Mother of all Bombs“ („Мајката на сите бомби“). Експлозијата ослободи моќ еквивалентна на 8.5 тони ТНТ експлозив, предизвикувајќи масивен шоков бран со радиус од една милја во сите насоки, кој уби десетина борци на Исламска држава и уништи најмалку три различни пештери (за цивилни жртви сé уште не е познато). По 16 години конфликт во Авганистан и Ирак, ова е прв пат да биде употребена MOAB, иако е најголемото не-нуклеарно оружје во арсеналот на САД. Зошто тогаш Пентагон реши да ја фрли баш сега?

Тактички, експертите велат дека армијата на САД баш и не морала. Единствената поента на употребата на МОАB, според нив, е самиот шок, стравопочитта и теророт – со кои се испраќа порака на покажување мускули, и дома, и во странство. Дури и воени офицери потврдуваат дека не гледаат реална причина за користење на МОАB во ситуацијава, и дека веројатно некој сакал нешто да порача.

https://youtu.be/AfPgP7a2lvo

Други воени лица, како на пример генерал Џон В. Николсон – командант на НАТО и американските сили во Авганистан, вели дека се соочиле со екстензивна мрежа од тунели и пештери со поставени импровизирани експлозивни стапици, која го попречувала понатамошниот прогрес на сојузниците, и дека ова е ретка, но соодветна прилика за употреба на вакво оружје. „Ова беш вистинскиот тактички момент… и ни овозможи да продолжиме со нашите офанзивни операции“.

Погодноста на MOAB во вакви ситуации се должи на начинот на кој бомбата експлодира. Повеќето „традиционални“ бомби убиваат со фрагментите од нивното тешко метално „куќиште“, кои се распрскуваат под дејство на експлозивот во нив. Но како и кај daisy cutter-от, леталноста на MOAB доаѓа од самиот шоков бран што го создава – кој е масивен ѕид од компресирани гасови, кои меѓу другото можат да расчистат и тунели и пештери како овие во Нангахар.

„MOAB е создадена за овој вид на мети“, вели Марк Кансијан – постар советник во центарот за Стратешки и интернационални студии. „Моја претпоставка (зошто MOAB не беше употребена порано) е дека претходно едноставно не знаевме каде се овие тунели“.

Прочитајте и:  Елен Деџенерис наводно се иселила од САД поради победата на Трамп

Исмај, распореден во Ирак во 2007 година и офицер во текот на 8 години од својата 11-годишна кариера во Морнарицата, не е убеден дека MOAB била вистинското решение. Тој вели дека армијата располага и со други, во случајов подобри, термобарични бомби дизајнирани да уништат цели во тесни тунели, како на пример BLU-118/B. Таа е помала, но има ласерско наведување и е далеку попрецизна, за разлика од MOAB која е наведувана преку GPS. За разлика од MOAB, која експлодира на неколку метри над земјата, BLU-118/B може да биде програмирана да се активира во самиот влез на пештерата. BLU-118/B е 33 пати послаба од MOAB, но Исмај смета дека истиот, ако не и подобар ефект, би можел да биде постигнат со само неколку BLU-118-ки. „Ова не е прв пат авијацијата да напаѓа вакви цели… Освен ако нема нешто што владата не ни го кажува“.

Во 1991 година, како што раскажува Адамс, кога армијата го фрлила daisy cuttter-от близу неговата единица, „наводно се обидуваше да расчисти минско поле“. Тој додава и дека „нема шанси бомбата да не убила многу луѓе“. Еден архивиран извештај од NBC News од 12 февруари 1991 година, вели дека daisy cutter-ите биле користени во обид да се заплаши и да се натера на отстапка Садам Хусеин, а не како контра-мерка против мински полиња. И Адамс се сложува дека MOAB-от во Авганистан е комплетно несоодветен.

https://youtu.be/uNwpGV3Buu0?t=172

И МОАB, и daisy cutter-от, вели Адамс, се дизајнирани за конвенционално војување против конвенционални формации (како во битката со ирачката армија во првата Заливска војна), а не за асиметрични (во однос на силите) конфликти како овој во Авганистан, каде „насекаде има цивили“.

На пресот на Министерството за одбрана, претставникот изјави дека биле преземени сите мерки за да се избегнат цивилни жртви. Нешто подоцна, претставник од Пентагон изјави дека американски и НАТО силите во Авганистан (USFOR-A) нема да објават официјален извештај за жртвите во нападот.

Адамс се сложува дека MOAB-от бил употребен со цел да се прати порака, и дома, и надвор. „Куп срање е теоријата дека Трамп не го направи ова за да ја исполни неговата ‘to bomb the shit out of ISIS’ реторика пред домашната јавност“, вели тој. Што се однесува до „јачањето“ на Северна Кореја, додава тој, употребата на MOAB е оправдана, но само ако е фрлена во област без цивилно население.

„Секогаш кога некој ќе фрли бомба до тебе или ќе се обиде да те убие е страшно“, дури и кога војната е секојдневие, како во Авганистан, вели Адамс. „Не мислам дека има потреба од нешто екстра-страшно“, вели Исмај. „Мислам дека секој во Авганистан знае дека има Американци во градот кои можат да го убијат од небото на еден куп начини. Што е воениот бенефит од тоа да се исплашат цивилите, или да ги исплашите повеќе отколку што се и во моментот?“.

Петокот по нападот, Трамп го оцени како „уште една многу успешна мисија“. Не е јасно дали тој директно го овластил фрлањето на MOAB.

„Сите знаат точно што се случи, и тоа што јас го правам е што ја овластувам мојата армија“, рече Трамп. „Ја имаме најдобрата армија во светот и тие сработија задача, како и обично, па ние им даваме тотално овластување“.

И ете, со тоа овластување, некој реши да фрли бомба што никогаш претходно не беше фрлена (во Авганистан).

- Реклама -