Зошто студените зими не значат дека нема глобално загревање

Америка во моментов се соочува со големи студови (истокот е на пат да ја доживее најстудената Нова година откако се следи времето), па прашање на време беше кога ќе се огласи и Трамп. Се огласи на Твитер, и се огласи отприлика со зборовите „Кај е сега тоа глобално затоплување што толку го зборевте?“.

Во суштина ништо ново за Трамп. Не му е прв пат ни да твита, а не му е прв пат ни да не верува во климатските промени. Проблемот е што (освен што е претседател) има и многу други како него.

 

Чувствувајќи се повикан затоа што метеорологијата му е професија, професорот Маршал Шепард одговори. Во текстот за Forbes, нештата ги опишува вака: „времето е само расположение, а климата е личноста/карактерот“.

 

Со други зборови, временските обрасци најчесто не кажуваат ништо значајно за климата во целина, особено за долгорочните климатски промени. Напротив, климата се дефинира од карактеристиките на атмосферата, како просеците, екстремите и фреквенцијата со која се случуваат нештата.

Шепард има добра аналогија која ќе ја разберат и најнеупатените – вашиот плакар со облека.

Облеката што ја носите денес не опишува што имате во плакарот, туку како сте се облекле денес, за денешните услови, објаснува Шепард.

Во реалноста, вашиот плакар веројатно е полн со палта, костими за капење, маици, чизми за дожд, ракавици… Тоа што е во вашиот плакар – е тоа е репрезентација на она што го нарекуваме „клима“.

Што се однесува до потенцијално рекордните студови во САД, Шепард објаснува дека во суштина се работи за зима.

„Тоа што го гледаме сега во САД е… е… зима. Дури и ако климата се загрева, ние секогаш ќе имаме зима (студено време, снежни бури, вејавици).

Зимата е поврзана со тоа како Земјата е под наклон кон својата оска додека се движи околу Сонцето. Колку и да стане топла планетата, зима секогаш ќе постои. Тоа е само образец на годишните времиња и малку е веројатно дека некогаш ќе се промени“.

Иако зимава делува особено остра во моментов (во САД), не треба да се игнорира дека 2017-та ќе заврши како една од трите најтопли години откако се мерат температурите, потсетува Шепард.

- Реклама -