Зошто Tesla Model 3 ќе биде најбезбедното возило во светот

Електричниот седан Model 3, со чија продажба компанијата Tesla планира да започне подоцна оваа година, ќе биде најбезбедниот автомобил во светот. Ова го тврди во својата анализа експертот од Morgan Stanley – Адам Џонас, цитиран од весникот Fortune. Според неговото истражување, благодарение на своите технологии и програмскиот софтвер, новиот електромобил на Tesla ќе биде барем 10 пати побезбеден од просечен автомобил понуден на пазарот денес.

Така идниот модел ќе има 90% помали шанси да предизвика катастрофа која би завршила со смрт на возачот или некој од патниците. Најважната предност на производот на Tesla e дека во неговиот автопилот ќе биде имплементиран алгоритам за „групно учење“, благодарение на кој компјутерските системи на автомобилот ќе можат да разменуваат информации за патната состојба со останатите возила на брендот. Така новиот седан, веднаш по слегувањето од лентите, ќе располага со целото технолошко искуство стекнато од останатите автомобили на Tesla, кои веќе минале десетици милиони километри низ светот. Според извештајот на Morgan Stanley, во следните 15 месеци електричните возила на Tesla ќе можат да ја удвојат сегашната автономија, која за сите нив е околу 7,5 милиони километри дневно.

Во 2030 година автомобилите на американскиот производител ќе изминуваат вкупно 700 милиони километри на ден, што ќе биде два пати повеќе од резултатот на возилата што се користат од страна на компанијата за такси Uber. Од банката сепак предвидуваат дека најдобро продаван автомобил на Tesla Motors нема да биде Model 3, туку идниот кросовер Model Y, кој компанијата на Илон Маск предвидува да го лансира на пазарот во 2018 година.

Автоплус

- Реклама -