Антарктикот е покриен со ледена покривка дебела неколку километри, но дали од секогаш е така? Антарктикот, кој е речиси четири пати поголем од Соединетите Американски Држави, е речиси целосно покриен со слој мраз, на места дебел и по неколку километри. Но, Јужниот пол не бил отсекогаш замрзнат. Оваа ледена капа е формирана релативно неодамна во геолошка смисла, велат експертите за Live Science. „Мислам дека повеќето би се согласиле дека ледената покривка на Антарктикот за прв пат се формирала пред 34 милиони години“, вели Ерик Волф, палеоклиматолог од Универзитетот во Кембриџ. „Претходно, поголемиот дел од него бил како северна Канада денес – тундра и иглолисни шуми“, додава Волф. Глобалните температури се клучен фактор кој влијае на степенот на покриеност со мраз. Пред околу 50 милиони години, светот бил за околу 14 степени целзиусови потопол отколку што е денес, но температурите постојано се намалувале во текот на следните 16 милиони години. Пред 34 милиони години – временски период познат како еоцен-олигоценска граница – климата била 8 C потопла отколку што е денес. Но, што го поттикнало падот на температурата и дали тоа било сè што било потребно за да се формираат ледените плочи? „Има два фактора. Едниот од нив е промена во концентрацијата на јаглерод диоксид во атмосферата, а другиот е движењето на континентите и особено, отворањето на преминот Дрејк, теснецот меѓу Јужна Америка и Антарктикот што ги поврзува јужниот Атлантик со јужниот Пацифик. Колку повеќе јаглерод диоксид има во атмосферата, толку повеќе топлина се задржува и планетата е потопла. „Од пред околу 50 – 60 милиони години, концентрацијата на јаглерод диоксид во атмосферата на Земјата била навистина висока – некаде околу 1.000 до 2.000 делови на милион, или помеѓу 2,5 до 5 пати повеќе од денешните нивоа“, вели Тина ван де Флиерд, геохемичар од Империјалниот колеџ во Лондон. „Но, знаеме дека CO2 во атмосферата се спуштил под таа еоцен-олигоценска граница“, додава таа за Live Science. Ова намалување на атмосферскиот CO2 било придружено со заладување на глобалната клима, дозволувајќи да се формираат ледени плочи. Сепак, веројатно имало и локализирано ладење на континентот на Антарктикот поради тектониката на плочите, смета Волф. Од прилика во тоа време, Јужна Америка и Антарктикот конечно се разделиле, отворајќи го сегашниот премин Дрејк. „Ова довело до она што ние го нарекуваме циркуполарна струја – вода што кружи околу Антарктикот. Ова го изолира од остатокот од светот и го отежнува преминувањето на топлите воздушни маси преку јужниот океан и според тоа, го прави Антарктикот постуден“, вели Волф. Тектониката на плочите, исто така, директно влијаела на нивото на јаглерод диоксид, додаде тој. Влијанието на карпите и вулканската активност се дел од циклусот на јаглеродот, така што во текот на илјадници години, геолошките процеси може да ја променат рамнотежата на гасовите во атмосферата. Иако останува одредена неизвесност, истражувачите се прилично сигурни за оваа транзиција пред 34 милиони години благодарение на хемиските знаци во карпестите седименти. Атомите на кислородот постојат во две форми: кислород-16 (обичен кислород) и кислород-18 (тежок кислород). Континенталниот мраз содржи поголем дел од полесниот кислород-16, што значи дека океаните – и, според тоа, лушпите на малите морски суштества – содржат поголем процент на кислород-18 кога ледените плочи се поголеми. „Гледајќи ги кислородните изотопи во карбонатните обвивки на малите морски суштества во океанските седименти, гледате скок пред околу 34 милиони години, што луѓето го сметаат за бидејќи полесниот изотоп на кислород оди на континентот Антарктик, објасни Волф. Што се однесува до тоа дали Антарктикот некогаш повторно би можел да биде без мраз, „Дефинитивно е можно“, рече ван де Флиерд. „Планетата Земја го веќе овозможила тоа порано. Би можела повторно да го стори тоа“, додава таа. Иако е малку веројатно дека човечката активност ќе доведе до целосно топење на ледената покривка, важно е да направиме сѐ што е можно за да го ограничиме губењето на мразот од Антарктикот сега, додаде таа. „Тоа е во наши раце за да се избегне најлошото сценарио“, рече ван де Флиерд. Извор: Live Science
Извор